Ракометарите на Струга на гостувањето во Куманово против истоимената екипа дојдоа до победа со 30:27 и останаа во игра за пласман во плеј-оф фазата. За Струга, денешната победа беше трета во новата натпреварувачка сезона и моментално тимот на Жарко Ферукоски на табелата во групата А има 10 бодови, два помалку од четвртопласираниот Охрид, кој утре во рамки од 8. коло на свој терен ќе го пречека Бутел Скопје.
Стружани добро го отворија натпреварот и со погодоците на Блажески и Ѓуровиќ поведоа со 2:0 на стартот од дуелот. Куманово на Струга и парираше 15 минути и во последниот период од првото полувреме гостинскиот состав ги зеде работите во свои раце, беше подоминантен на теренот и од средината на првото полувреме одржуваше резултатска предност од два до три гола разлика.
Иако двете екипи во првото полувреме не одиграа на висина на задачата во одбраната, гостите имаа расположени бекови за игра, ги користеа и играчите од крилните позиции, голманот Рикановиќ бранеше кога се кршеше резултатот, па така по 30 минути игра Струга имаше активен резултат од 16:13.
Избраниците на Ферукоски за неколку минути игра во вториот дел дојдоа до највисоките пет гола разлика 20:15 и до финишот имаа целосна контрола на теренот. Домашниот тим немаше многу опции за да го изненади гостинот и секогаш кога требаше да дојде до помала негатива немаше лидер, кој ќе ја преземеше одговорноста во свои раце.
Стекнатата предност од пет гола разлика за Струга беше сосема доволно да има поголема психолошка предност. Веќе при резултат од 26:20 во 50 минута, јасно беше дека гостинскиот тим ќе ги освои бодовите од денешниот дуел. Гостите со неколку погодоци од контра дојдоа и до 29:21 и му дозволија на домаќинот само да ја преполови негативата за конечни 30:27.
Најефикасни во победничката екипа беа Никола Цветаноски и Петар Бугариновиќ со по шест гола, додека по пет реализации имаа Бобан Блажески и Урош Лазаревиќ. Во поразениот табор најдобар беше српскиот интернационалец Вучко Мрвовиќ со десет погодоци.