Ракометарите на Вардар во рамки од 8. коло од Супер лигата остварија рутинска победа против Вардар Неготино со резултат 41:19. Избраниците на Недановски фаворитската улога ја оправдаа во првиот дел и рутински ја одработија задачата во второто полувреме.
Гостите од Неготино беа ставени во подредена улога уште од воведниот дел од дуелот, кој беше одигран во СЦ „Јане Сандански“ и успеаја да парираат само пет-шест минути кога во три наврати имаа водство од 1:0, 2:0 и 2:1. Актуелниот шампион на Македонија уште во првите десетина минути започна да се одлепува на сериозна предност, имаше 7:3, потоа 8:4 кон средината на првиот дел, а во 20 минута предноста на „црвено-црнате“ беше 12:5.
Во тој момент беше јасно дека ракометарите на Глигиров ќе имаат тешка задача да им парираат на разиграните домаќините, кои започнаа од минута во минута да го зголемуваат водството. Вардар во неколку наврати водеше со осум до десет гола разлика и на полувреме замина со убедлива предност од 18:11.
И покрај убедливата предност, немаше опуштање во домашните редови во вториот дел. Вторите 30 минути беа само лесен тренинг за ракометарите на Вардар. Како одминуваше времето и како се доближуваше крајот, предноста на домаќините беше сѐ поубедлива. Вардар со серија од 7:0 се одлепи на 27:12, откако претходно беше 20:12, ги казнуваше грешките на ривалот и со лесни погодоци дојде до убедлив триумф.
Најефикасен во редовите на победничката екипа беше Јан Чувара со осум погодоци. Во листата на стрелци се запиша и голманот Васил Гогов, кој постигна еден гол. Во поразениот табор Ѓорѓи Ташев, Наќе Ѓорѓев, Ѓорѓи Орешков и Мирослав Митевски постигнаа по три гола.