Ракометарите на Скопје ја остварија втората победата сезонава во Супрлигата, откако триумфираа во Радовиш против жилавиот домаќин со 24-23. Домашните имаа шанса за реми и бод во последната секунда, но не погодија па трите бода патуваат за Скопј.
Имаше дури осум израмнувања на резултатот, пред Скопје прв да направи предност од два гола, 10-8. Домашните комплетно попуштија во финишот на првиот дел, а тоа го искористија избраниците на Горан Кузманоски и направија солидна залиха од пет гола на паузата, 16-11.
Радовишани заиграа подобро на стартот на второто полувреме и полека ја топеа гостинската предност. Во 45. минута израмнија на 19-19 и беше јасно дека ќе биде возбудливо до крајот.
Скопје водеше со 22-21, имаше шанса за плус две, но не погодија гостите. Казната стигна преку Постолов на пет минути до крајот и пак беше нерешено 22-22. Тогаш Радовиш се одбранија, но останаа со ракометар помалку на терен, откако беше исклучен Марков.
Следуваше по едно промашување на двете страни, пред Стојановски да погоди за 23-22 за Скопје. Голманот Радовановиќ запре еден удар на Радовиш, а Трајковски реализираше за плус два 24-22, на две минути до крајот. Ѓорѓиев стрелаше од пенал за 24-23, имаше уште шанса, но не погоди и Скопје тргна во последен напад.
По еден остар старт над Киселовски, Марков доби црвен картон, но Скопје не успеа да реализира и за Радовиш останаа уште петнаесетина секунди за напад. Беше создадена чиста позиција на Трајчевски, кој не успеа да погоди во голот на Радовановиќ, па победата остана за Скопје.
Најдобри стрелци кај победникот беа Киселовски со шест гола, како и Трајковски и Јакимовски со по четири, додека Постолов со осум и Вјештица со седум гола се истакнаа кај Радовиш.