Ракометарите на Охрид пред својата публика во спортската сала „Билјанини Извори“ ја запишаа четвртата победа во новата натпреварувачка сезона од Суперлигата, откако беа подобри од Вардар Неготино со 28:25, во натпревар од 7. коло од групата А.
Краткиот состав на гостинот, кој настапи со само 12 ракометари на овој дуел, одигра солидно во првото полувреме. Вардар Неготино на трипати го изедначуваше резултатот во првото полувреме, во воведниот дел беше 1:1, 2:2 и 3:3, но ракометарите на Горан Андоновски преку Ончев и Шешиќ, кои вкупно постигнаа седум погодоци во првите петнаесетина минути, се одлепија на 5:3 и минималното водство од два гола разлика никако не можеа да го зголемат на посериозна предност.
Гостите од Неготино преку Емини намалија на 8:7 и до крајот на првото полувреме беа повеќе од рамноправен противник, иако домаќинот во неколку наврати имаше три до четири гола предност, сепак, по водството на Охрид од 11:7, гостите со серија од 3:0 намалија на 11:10 и покажаа дека се сериозен ривал, кој може да ја казни невнимателноста на противникот.
Во финишот од првиот дел се играше гол за гол, беше 13:12 на речиси една минута до крајот од полувремето, но составот на Андоновски со два брзи гола, кои беа дело на Ончев и Цејовиќ успеа да дојде до плус три позитива и водство од 15:12 на полувреме. Во првите 30 минути гостите имаа пет исклучувања, односно цели десет минути играа со ракометар помалку.
За неколку минути игра во вториот дел резултатот беше 17:15 за домашниот состав. Составот на Глигоров поради малата ротација немаше многу простор за изненадување, посебно во вториот дел, во кој домаќините одиграа на висина на задачата во одбраната. Шешиќ во 40 минута на својот тим му донесе плус четири, 20:16, а по пет минути игра Ончев беше ефикасен за 21:16.
Охриѓани во последниот период имаа контрола на играта и беа повеќе расположени. Четирите гола позитива беа сосема доволни да имаат поголема психолошка предност и да дојдат до четвртата победа во новата сезона. Гостинот немаше доволно сили за да може да одигра во егал и да се избори за бод, па дуелот во Охрид им припадна на домаќините.
Најефикасен во победничката екипа беше Тоше Ончев со девет погодоци, додека по седум постигнаа Даниел Андоновски и Деан Шешиќ. Кај Вардар Неготино се истакна Ѓорѓи Ташев со шест гола.