Македонскиот вицепрвак Еурофарм Пелистер прокнижи нови три бода во домашниот шампионат откако во 7. коло беше поуспешен од Пролет во Скопје со резултат 24-23 (11-12). Битолчани од самиот почеток ја поставија својата игра и посакуваното темпо, но периодите со играч помалку ги чинеа многу и токму затоа домаќинот имаше надеж за некакво изненадување на овој дуел, особено по првиот дел кој му припадна на Пролет 63 со минимален гол предност и по предноста од пет голови разлика во вториот дел, кои не успеаа да ги одржа до самиот крај.
По само три одиграни минути Еурофарм Пелистер имаше три голови предност, а низата од 0-3 ја прекина централниот бек на Пролет Ласко Андоновски во 4. минута. Во воведните минути домаќинот се одржуваше во игра, а минималната негатива на дуелот беше пред се благодарение на расположениот црногорски голман Данило Михаљевиќ кој од оваа сезона настапува во дресот на Пролет.
По дваесет одиграни минути Пролет успеа да го израмни резултатот на 8-8 преку Палевски, а по гостинскиот тајм-аут на Ларс Валтер имаше напад за прво водство, но не го искористи, а на спротивната страна Ојлески повторно ја врати предноста на Еурофарм Пелистер. Последните 10 минути од првиот дел ги одигра Павле Атанасијевиќ на местото на Хенеберг на левата бековска позиција. Токму во тој период гостинските ракометари се вратија на максималната предност од три голови, 11-8.
Во финишот на полувремето одличниот словенечки интернационалец Урбан Лесјак имаше свои минути и ја одржуваше разликата по грешките кои ги правеше нападот на Еурофарм Пелистер. Гостите имаа шанса да ја зголемат разликата, но домашниот голман беше на висина на задачата. Во периодот кога Павле Атанасијевиќ беше исклучен, Пролет намали три гола од предноста на гостинските ракометари и со последните два гола на празна мрежа го израмни резултатот на 11-11. Во самиот финиш на првите триесет минути Пецаковски заработи исклучување, но тоа не ги спречи домашните ракометари преку Палевски да го запишат првото водство на овој дуел, 12-11. Резултат со кој заврши првото полувреме.
На самиот почеток на вториот дел, Пролет со низа од два брзи гола ги постави највисоките 14-11, но следуваше идентичен одговор на спротивната страна и разликата се врати на оние гол предност од првите триесет минути. На стартот на вториот дел данскиот бек Хенеберг го замени Танкоски на централната бековска позиција, а во надворешната линија беа Хосни и Атанасијевиќ. По осум минути игра Еурофарм Пелистер го израмни резултатот 15-15, но Кукоски заработи исклучување, кое отвори шанса за домашните ракометари да ја вратат иницијативата и предноста на овој дуел. По двата гола со играч повеќе, и промашените шанси на гостинскиот напад, Јагуриновски во 43. минута ја врати предноста од три голови за домашниот состав.
Точно на средината на вториот дел Пролет имаше шанса за прв пат на овој дуел да создаде висока предност од четири голови, но не успеа, а на спротивната страна следуваше казна. Голманот Михаљевиќ не дозволи комплетен пресврт на дуелот, па со одлична одбрана на обидот на Костески од брз контра-напад ја врати самодовербата кај домаќините и до 48. минута со голот на Палевски дојде до високи 20-16. Следуваше период на грешки, тренерот Валтер се обидуваше да ја најде вистиската постава на терен, а Пролет со стабилна игра во одбрана си овозможи преку Мартин Димов да дојде до огромна предност од 21-16 на десет минути до крајот на дуелот.
Во фуриозен финиш, Еурофарм Пелистер заигра поангажирано во одбраната и намали три голови од високата предност на домашниот состав. Но времето истекуваше немилосрдно, а Андоновски со прецизен удар од далечина ги одржуваше сигурните „плус три“ за домаќините на шест минути до крајот.
Промашени обиди за гол, обраната на Лесјак и расположените Хосни и Танковски ја вратија неизвесноста на овој дуел и на само пет минути до крајот го израмнија резултатот на 22-22. Еурофарм Пелистер успешно се бранеше со подлабока 6-0 зона, Хосни имаше шанса да ја врати предноста за гостинските ракометари, но ударот од пенал-линијата го одбрани одличниот Михаљевиќ и им даде шанса на домаќините да ја вратат иницијативата со играч помалку (по исклучувањето на Пецаковски). На работ на пасивен напад Василевски не успеа да го пробие блокот на битолчани, а Цветан Кузмановски од контра-напад ја врати предност на Еурофарм Пелистер за 22-23 на семафорот.
Во следниот напад Лесјак го обрани ударот од неизградена позиција на Јагуриновски, а Хенеберг го реши победникот со вториот гол на дуелот за предност од 24-22. Василевски стави точка на овој дуел за конечни 24-23. Во пресинг завршница Танкоски не успеа да ја потврди победата на својот тим откако ја погоди пречката на голот на Пролет, а последните шест секунди не беа доволни за Пролет да направи сензација.
Најпрецизен во победничкиот состав беше Хосни со 6 голови, Костески постигна 4, а го следеа Ојлески и Кузмановски со по 3 погодоци. Во домашниот тим Аларов постигна 5 голови,Палевски имаше 4 прецизни удари, а Димовски, Пецаковски и Василевски го следеа со по 3 гола.
Во составот на Еурофарм Пелистер свој прв официјален настап имаше данскиот интернационалец Себастијан Хенеберг. Еурофарм Пелистер за три дена од Битола ја започнува европската сезона, а прв противник во Лига Европа е данскиот Архус.