Тимот на Алкалоид ја забележа петтата победа во дебитантската сезона од Суперлигата, откако славеше на гостувањето кај Вардар Неготино со убедливи 39-25. Судиите Андонов и Јовановски поделија дури 16 исклучувања, а имаше и еден црвен картон за домашниот играч Драган Кузманов поради трите казни од по две минути.
Момците на Кире Лазаров уште на стартот поведоа со 6-0 и најавија каков натпревар ќе гледаме до крај. Домашните првиот гол го постигнаа дури по 13 минути игра, а да не беше Ангелов на нивниот гол, разликата ќе беше уште повисока.
Во финишот на полувремето неготинци намалија на минус пет, 13-8, но повторно се грешеше во нападот, а Алкалоид не пропушти да ги казни со лесни погодоци и на пауза да замине со убедливи осум гола разлика, 16-8.
Второто полувреме беше чиста формалност во која двајцата тренери им дадоа шанса за настап на повеќе ракометари, а гостите демонстрираа брза игра и без разлика на убедливото водство, не попуштија во ритамот. На крајот Алкалоид запиша нови три бода со победата од 39-25.
Најдобри стрелци во гостинскиот тим беа Серафимов и Симоноски, а голманскиот двоец Трајкоски и Галевски одбрани 14 удари. Кај Вардар Неготино се истакна Ташев со шест гола, додека голманите Ангелов и Ацев имаа осум одбрани.