После првата победа на гостински терен против Куманово, Охрид оди на мегдан со актуелниот шампион Вардар.
Охриѓани за дуелот ќе бидат посилни за носителот на играта Тоше Ончев, кој после три неделната пауза поради повреда се враќа на теренот.
Вели дека и тој и екипата се подготвени за натпреварот и дека ќе го дадат максимумот за да остварат позитивен резултат.
„И покрај кризата што ја имаше Вардар, знаеме за каква екипа се работи, актуелен шампион и двократен европски шампион. Иако немаат доволна ротација сепак се искусни, таму се Стоилов, Талески и сите други што имаат освоено многу титули. Имаат квалитетна екипа и повторно ќе атакуваат на титули и во Лигата и во Купот. Ние се подготвуваме, јас полека се враќам во тренажен процес, ќе бидам подготвен за натпреварот во сабота, ќе дадеме се од себе да го измачиме европскиот шампион“, изјави Ончев.
Охрид и Вардар досега во Супер лигата одиграле 12 натпревари и во сите поуспешен бил скопскиот тим. Натпреварот помеѓу Охрид и Вардар се игра во сабота во 19:30 часот во СРЦ „Билјанини извори“.