Европската ракометна федерација денеска ги објави ранкинзите на федерациите за следната сезона, 2023/24, па познато е колку евро претставници ќе има Македонија. Како што беше најавено по состанокот на Извршниот Комитет на ЕХФ, ќе има посебен ранкинг за сите европски купови, а во калкулацијата се вклучени сезоните 2019/20, 2020/21 и 2021/22.
Најважно за Македонија е тоа што ќе го задржи директното место во групите од Лигата на шампионите. Македонија е рангирана на осмото место (80,00 коефициент) и тоа значи дека нашиот шампион за сезоната 2023/24 има место меѓу 16 екипи во елитата.
Покрај местото во Лигата на шампионите, Македонија ќе има уште три евро претставници.
Во Лигата на Европа, нашата земја е рангирана на 11 место (39,67 коефициент), а тоа значи дека губиме едно место во второто по ранг европско клупско натпреварување. Еден претставник сигурно ќе имаме во групната фаза, додека еден ќе мора да игра квалификации.
Во Европскиот Куп, Македонија е на 37 место без бодови, но тоа е очекувано, со оглед на тоа што немавме претставници во ова натпреварување минатите три сезони. За следната 2023/24 сезона, Македонија ќе може да пријави еден претставник.