Ракометарите на ГОГ Гудме и Динамо Букурешт одиграа интересен натпревар полн со пресврти, но на крајот двете екипи мораа да се задоволат само со еден бод, 38-38. Домашните може да жалат што испуштија водство од шест гола разлика, додека гостите што не го одбранија последниот напад на ГОГ и што не го реализираа својот последен напад.
До средината на првиот дел се играше гол за гол, пред домашните предводени од Питлик да направат солидни три плус, 11-8. Се играше брзо на двете страни, се постигнуваа многу голови, иако ниту голманите Тулин и Гедбан не беа лоши.
Динамо Букурешт се врати во егал, 17-17, но ГОГ Гудме повторно се одлепи на плус три, 21-18. Во финишот кај Динамо во игра влезе Бохан, кој со двата гола го остави романскиот првак во игра и беше 21-20 на паузата.
На стартот на второто полувреме ГОГ стигна до највисоките шест разлика, 27-21, но се чини дека домашните прерано почнаа да слават. Чави Пасквал повика тајм-аут, неговите избраници заиграа посериозно и се влезе во драматична завршница.
Али Зеин израмни на 31-31 на десетина минути до крајот и следуваше резултатска клацкалка. Се играше гол за гол, двете екипи се менуваа во водството, пред Акименко на триесетина секунди до крајот да донесе 38-37 за Динамо Букурешт. За само неколку секунди ГОГ организараше напад и Расмусен израмни на 28-28. Потоа немаше многу време за Динамо кој не успеа да го погоди последниот обид.
Најдобри стрелци кај романскиот првак беа Акименко со седум и Кукиќ со шест гола, додека голманот Гедбан запре осум удари. Кај ГОГ, голманот Тулин имаше 15 интервенции, а најдобри стрелци беа Питлик и Мадсен со по девет гола.