Босанскиот интернационалец Дејан Шешиќ, е ново име во ростерот на Охрид. 26-годишниот левак кој игра на позиција десен бек, во Охрид доаѓа од француски Анжер.
Претходно настапувал и во Словенија. Шешиќ бил на поширокиот список на сениорската репрезентација на БиХ, а претходно играл и за младинскиот национален состав во квалификациите за Светско и Европско првенство.
„Видов дека Охрид има добра и перспективна екипа која атакува на плејофот. Тука сум на сугестија на Бојаниќ кој ми кажа убави работи за Охрид. Лигата е интересна, се игра цврст ракомет и решив да ја променам средината“, изјави Шешиќ.
Со неговиот ангажман Охрид сериозно го зголемува ростерот и добива силно засилување, што треба да придонесе во остварување на целите на клубот оваа сезона, а тоа е висок пласман.