Соработката меѓу екипите на Веспрем и Охрид се продлабочува и влегува во фаза кога двата тима сериозно разговараат и се пред дефинирање на типот на меѓусебна соработка. Управата на повеќекратниот унгарски шампион и актуелен шампион на СЕХА лигата викендов повторно беше во Охрид и со македонскиот тим договараа детали околи соработката.
Ова беше трета посета на Унгарците во Охрид годинава. Тие беа присутни на првенствениот дуел меѓу Охрид и Прилеп, а го следеа и мечот од Супер купот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер.
Во Охрид викендов беа присутни Золтан Чик претседателот на Веспрем, заедно со Силанд Шмит. Домаќини на Унгарците им беа Кирил Пецаков градоначаникот на Охрид, Сашо Донев, претседателот на советот на општина Охрид, Александар Китевски, секретар во општината Охрид Славчо Ристески, спортскиот директор на клубот.
Се договара можност за размена на играчи, искуства, едукација на тренерите, играње на меѓусебни средби, а блиску е и до доаѓање на првиот тим на Веспрем на подготовки во Охрид. Ќе се соработува и на ниво на ракометните академии на тимовите со цел и младите да имаат шанса да напредуваат.
Наскоро членови на управата на Охрид ќе бидат гости на Веспрем и таму ќе „падне“ и договорот за нивното збратимување со конкретни детали.