Суперкуп натпреварот меѓу шампионот Вардар и финалистот на Купот, Еурофарм Пелистер, ќе се одигра на 28 или 29 август.
Ракометната федерација на Македонија се обратила до двата клуба со предлог натпреварот да се игра на отвореното игралиште „Камин Кама“ во Ѓорче Петров и да биде дел од женскиот турнир што го организира шампионот Ѓорче Петров од 26 до 28 август. Останува неизвесно дали тој би се играл на 28 или на 29 август.
Од Ѓорче Петров за 24Ракомет ја потврдија информацијата дека дуелот меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер би можел да се игра како дел од финалниот ден на турнирот на 28 август или ден подоцна на 29 август во понеделник. Едната варијанта е тој да биде во склоп на турнирот на финалниот ден, а другата следниот ден на истото игралиште.
Претходно имаше варијанта натпреварот да се одигра во Охрид, но СРЦ „Билјанини Извори“ отпадна од комбинација. Сега клубовите треба да се изјаснат за предлогот кој доаѓа на помалку од три недели пред играњето и во период кога и двете екипи веќе ги имаат испланирано своите подготовки.
Двете екипи претходно ќе играат и два важни натпревари од четврт-финалето на СЕХА лигата. Вардар на 23 август го пречекува Нексе во Скопје, а Еурофарм Пелистер два дена подоцна е домаќин на Мешков. Теоретски може и двете македонски екипи да играа на Ф4 турнирот во Задар од 2 до 4 септември. Во тој случај веќе на 31 август би тргнале за Хрватска, па Суперкупот ќе им биде и генерална проба.
Досега еден Суперкуп натпревар веќе беше организиран на отворено на игралиштето „Горан Попоски Бабец“ во Струга во 2018 година. Бранител на трофејот во Супекупот е Еурофарм Пелистер, кој лани славеше против Вардар со 31-22.
Суперкуп на Македонија, историја:
2017 година Вардар – Еурофарм Пелистер 30-25 (СЦ Јане Сандански)
2018 година Вардар – Металург 33-24 (Отворено игралиште Горан Попоски Бабец)
2019 година Вардар – Металург 26-24 (Спортска сала Куманово)
2021 година Еурофарм Пелистер – Вардар 31-22 (СЦ Борис Трајковски)