Како што најави 24Ракомет пред извесен период, нова ракометарка во Пелистер ќе биде екс репрезентативката на Франција, Мари Франсуа, која во таборот на битолскиот тим ќе пристигне од екипата на Трухтершајм. Денес раководството на Пелистер официјално ја објави соработката со искусната ракометарка од Франција, која може да ги покрива сите бековски позиции, а нејзина природна позиција е среден бек.
Франсуа во својата кариера настапуваше и за екипите на Дижон, Ница и Шамбре. Во 2014 година со екипата на Дижон ја освои титулата во Втората француска лига, додека во споменатата година година дебитираше за репрезентацијата на Франција во рамки од Златната лига и настапи на Европското првенство во Унгарија и Хрватска.
Раководството на Пелистер за следната сезона планира во своите редови да донесе уште неколку засилувања. Претходно клубот се засили со трите ракометарки од Феникс – Сандра Корлевска, Ана Марија Талева и Сара Илиевска, како и со левиот бек од Деспина Сања Цветкоска.
Пелистер во новата сезона во Женската лига ќе игра во групата А заедно со екипите на Куманово, Вардар, Чаир, Шампион, Гевгелија, Спартак и Скопје. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата од женскиот шампионат, додека останатите четири ќе играат во плеј-аут групата.