Каква драма: Македонија со злато вреден бод против Шведска, на чекор е до четвртфинале!

Женската кадетска репрезентација на Македонија одигра нерешено, 20-20, со селекцијата на Шведска и се наоѓа на чекор до четвртфиналето на СП. Вистинска драма се случуваше во финишот на овој меч, кога во последната минута Шведска поведе, а Македонија израмни на пет секунди до крајот.

Натпреварот започна со неколку грешки на двете страни, пред Ризоска да погоди за водство на Македонија. Швеѓанките набрзина возвратија и поведоа со 4-1, а кога по десетина минути ривалот се одлепи на 6-2, Савевски мораше да реагира со тајм-аут.

Нашите ракометарки врзаа два гола во серија и намалија на 6-4, имаа и шанса уште повеќе да намалат, но три пати промашивме, дури и пенал, па Шведска казни за плус четири, 8-4.

Во продолжение ја стегнавме одбраната, предводени од Младеновска и нејзините удари од далечина, како и одбраните на Јовановска, направивме комплетен пресврт и поведовме со 10-9.

Скандинавките се вратија на егал, но разиграните избраничките на Савевски успеаја до крајот на полувремето да погодат уште два пати и на пауза Македонија замина со водство од 12-10.

На стартот на вториот дел, ривалот намали на 12-11, а ние промашивме пет пати во серија. Шведска ги казни промашувањата на Македонија и беше 12-12. Нашите ракометарки не погодија ниту од пенал и Хуселиус донесе водство за Шведска.

Постот на Македонија по 11 минути го прекина Дукоска. При резултат 15-14 за нас, имавме нова шанса за плус два, но две грешки и скандинавките направија пресврт со два гола во серија.

Шведската голманка Бергфелд ни фати три удари по ред во критичен период од мечот, па Виксфорс донесе плус два и 17-15 на десетина минути до крајот. Савевски мораше да реагира со нов тајм-аут.

Велкова беше прецизна од пенал, а потоа и Ризоска стрелаше за реми, 17-17, иако Македонија имаше ракометарка помалку. Шведска погоди за плус еден, а го одбрани следниот наш напад и потоа Михаиловиќ донесе плус два, 19-17.

Јанкуловска и Велкова израмнија и на минута до крај беше 19-19. Шведскиот селектор викна тајм-аут. Од тешка ситуација Михаиловиќ погоди за 20-19 за скандинавките, пред Савевски на дваесетина секунди до крајот да викне минута одмор.

Дукоска погоди од тежок агол и донесе реми и злато вреден бод за Македонија. Младеновска даде пет гола, Дукоска и Велкова по три гола за нашата селекција, а на голот блескаше Јовановска со 11 одбрани. За Македонија следува ден пауза, а на 5 август ќе се соочи со селекцијата на Исланд, која веќе е сигурен четвртфиналист на Светското првенство.