Откако пред три дена беа објавени групите за 50. јубилејно издание на Струшкиот турнир, денеска беше објавен и распоред на натпреварите.
На отвореното игралиште „Горан Попоски Бабец“ покрај Женска плажа во Струга, од 16 до 20 август ќе играат осум тима – пет македонски и три странски.
Покрај домаќинот Струга, тука се актуелниот освојувач на турнирот – Вардар, како и уште три некогашни освојувачи – АЕК Атина, Еурофарм Пелистер и Целје. Ќе играат и Бутел Скопје, Алкалоид и Татран Прешов.
Според распоредот, освен првиот ден, централните термини се од 19:15 и 21:15 часот, а двата вечерни натпревари ќе одат во пренос на МТВ.
Финалниот ден носи четири натпревари. Од 10:00 часот е дуелот за седмо место, од 17:15 почнува средбата за петто место, од 19:15 е мечот за третото место, додека од 21:15 ќе се игра финалето.