Некогашниот македонски репрезентативец Марко Нелоски во претстојната сезона ќе го гледаме во поинаква улога. Тој ќе започне да го „пече“ тренерскиот занает во составот на Голден Арт и ќе биде дел од стручниот штаб на Никола Матлиески, но тоа ќе биде на волонтерска основа.
Нелоски беше и на првата прозивка на клубот кој сезонава се засили и беше претставен како дел од стручниот штаб. Тој веќе ги посетува модулите на Здружението на ракометни тренери на Македонија, а сега во клубот ќе може да учи. Од скопскиот клуб велат дека се среќни што можат да му пружат шанса на поранешниот репрезентативец да почне да навлегува во тренерските води.
Нелоски потекнува од Струга, освен за матичниот клуб играше за Металург и за германскиот Кобург, но имаше многу проблеми со повредите и веќе неколку сезони е надвор од теренот.
Повратникот во Суперлигата има големи амбиции во наредната сезона и ќе се обиде за првпат во клупската историја да обезбеди место во плеј-офот. Се засили со неколку ракометари. Голден Арт во новата сезона во суперлигашкото друштво ќе игра во групата Б заедно со Еурофарм Пелистер, Еурофарм Пелистер 2, Тиквеш, Пролет, Радовиш, Јуниор Кисела Вода и Скопје.