Екипата на Прилеп во спортската сала при СОУ „Ристе Ристески Ричко“ ги започна подготовките за новата натпреварувачка сезона. На првата прозивка, новиот тренер на Прилеп, Реваз Чантурија на своите избраници им ги претстави плановите за новата сезона, во која клубот ќе влезе со подмладен состав и повторно ќе се обиде да го задржи суперлигашкиот статус.
Во прилепскиот состав остана и еден од најдобрите стрелци, левиот бек Давор Шокоски. Младиот ракометар смета дека Прилеп ќе може да се претстави во добро светло во новата сезона, иако тимот ќе биде подмладен во однос на минатата година.
,,Денес ги започнавме подготовките за новата натпреварувачка сезона. Ростерот на екипата е речиси ист, но со неколку заминувања. Со подмладен тим влегуваме во новата сезона, истите млади играчи веќе се влезени во тој систем на екипата и сметам дека нема да имаме проблем околу играта и наметнувањето на младите играчи. Минатата сезона добиваа шанса во Суперлигата и во Купот и оваа година не се сомневам дека сите играчи ќе дадат сè од себе за да ја оствариме зацртаната цел. Нашата примарна цел е опстанок во елитата, но доколку имаме шанса и за 4. позиција во групата, ќе ја искористиме. Оптимист сум, верувам во моите соиграчи, стручниот штаб, напорно работиме да напредуваме како екипа и достојно да го претставиме град Прилеп во Суперлигата”, изјави Шокоски.
Избраниците на Чантурија ќе одиграат неколку пријателски натпревари, а во периодот од 26 до 28 август, Прилеп ќе биде домаќин на меморијалниот турнир „Миле Нешкоски“. На овој турнир покрај домаќинот, ќе играат уште три екипи од Македонија – Струга, Скопје и новиот прволигаш Мулти Есенс, како и две екипи од странство – Дубочица од Лесковац и ПАОК од Солун.
Екипата на Прилеп во регуларниот дел од новата сезона ќе игра во групата А заедно со Вардар Неготино, Струга, Вардар, Бутел Скопје, Алкалоид, Охрид и Куманово. Најдобрите четири екипи ќе обезбедат пласман во плеј-оф фазата, додека останатите четири ќе се преселат во плеј-аут групата.
Прилепчани со новиот тренер Чантурија стартуваа со подготовки за новата сезона