Романскиот шампион Динамо Букурешт денеска преку социјалните мрежи го потврди трансферот на репрезентативецот на Белорусија, Вјачеслав Бохан. Раководството на Динамо Букурешт и Бохан се договорија на тригодишна соработка.
За искусниот кружен напаѓач од Белорусија заинтересирани беа и од европскиот првак Барселона, но 26 годишниот ракометар одлучи својата интернационална кариера да ја продолжи во Романија.
Бохан потекнува од составот на СКА Минск, чиј дресот го носеше до 2020 година кога замина во Мотор Запорожје, а во СКА Минск играше и последната полусезона. Во новиот клуб ќе ја дели минутажата со Мохамед Мамду и Седрик Сораиндо.
Динамо Букурешт претходно се засили со репрезентативецот на Египет, левиот бек Али Зеин и ракометарот кој игра на десната бековска позиција, Станислав Кашпарек. Во екипата се очекува да пристигне и Педро Силва од шпански Пуенте Хенил, како и средниот бек од Бенфика, Лазар Кукуќ, за кој од поодамна се шпекулира дека ќе биде новиот играч во романскиот тим.
Ракометарите на Динамо Букурешт во новата сезона во Лигата на шампионите ќе имаат голем предизвик. Тимот предводен од Чави Пасквал ќе игра во група А заедно со ПСЖ, Магдебург, ГОГ, Порто, Веспрем, Висла Плоцк и Загреб.