Ракометарките на Пелистер во спортската сала „Боро Чурлевски“ го добија пелагонискиот двобој против Деспина од Прилеп триумфирајќи со три гола разлика, 20:17, во натпревар од 13.коло во плеј-оф фазата во Женската лига.
За ракометарките на Кире Митревски, натпреварот против Деспина беше последен на свој терен. Пелистер во последното коло ќе гостува во Струга кај Стружанка и во тој дуел битолчанки ќе мора да победат доколку посакуваат подобар пласман на табелата.
Двете екипи во текот на првото полувреме имаа свои моменти, но ниту една од нив не можеше да се одлепи на поголема разлика од два гола. Најчесто резултатот беше израмнет, па така на пауза беше нерешено, 9:9.
Деспина во вторите 30 минути дојде до водство од 12:14, но ракометарките на Пелистер со одлична серија од 5:0 направија пресврт, кој се покажа како клучен, и поведоа со 17:14. Домашниот состав во завршниот дел дојде до највисоки плус три гола разлика, 18:15, а најефикасната на натпреварот, Јанкуловска, со два гола во низа ја завери победата на својот тим.
Марија Јанкуловска го предводеше Пелистер со 10 гола, додека во Деспина најефикасни беа Елена Рипилоска и Сања Цветкоска со по пет погодоци.