Поранешниот тренер на ЖРК Вардар, Ким Расмусен, кој во својата тренерска кариера беше селектор на Полска, Црна Гора и Унгарија, повторно ќе работи како селектор, овојпат на далечниот исток, односно во Јужна Кореја каде ќе ја предводи женската сениорска репрезентација на најдобрата азиска земја.
Тренерот од Данска преку социјалната мрежа Инстаграм ја сподели официјалната вест и истакна дека очекува успешни резултати во новиот предизвик.
„Сега, конечно е официјално. Нова работа, нов јазик и сосема ново искуство за мене. Овој предизвик дојде во еден поволен момент во мојата кариера. Многу ми е чест што сум првиот странски тренер во Јужна Кореја. Ќе ги користам сите мои вештини и можности за да ја водам репрезентацијата до успех. Има една работа што ја научив во животот, а тоа е дека сѐ е можно ако вложите време и труд заедно“, напиша Расмусен на Инстаграм.
Данецот на клупата на „црвено-црните“ мина краток период. По заминувањето од Скопје го презеде ЧСМ Букурешт и успеа со романскиот тим да ја освои Лигата на шампионите во 2016 година. Пред извесен период доби отказ од Глорија Бистрица, поради лошите резултати во шампионатот на Романија.
Освен Ким Расмусен кој ќе биде прв странски селектор на женската репрезентација, раководството на ракометната федерација на Јужна Кореја одлучи истиот чекор да го направи во машката репрезентација. Предвоник кај мажите ќе биде искусниот тренер, Роберто Фреиташ. Нивното официјално назначување како селектори е закажано за 16 мај.