Хрватите се жалат – некој како да фрлил клетва на нас!

Ракометарките на Хрватска се собраа вчера во Загреб пред двата клучни натпревари за пласман на Европското првенство кое во ноември ќе се игра во Македонија, Словенија и Црна Гора. Пред овие два натпревари селекторот Ненад Шоштариќ се соочува со огромни проблеми поради повреди.

Шоштариќ пред медиумите се пожали дека на моменти помислува како некој да фрлил клетва на неговата репрезентација, со оглед на тоа колку проблеми имаа и во изминатите години.

„Понекогаш имам некое чувство како некој да фрлил клетва на нас. Пред Европското првенство во 2018 година се повредија Чамила Мицијевиќ, Лариса Калаус и Маријета Видак. Потоа во 2021 година игравме против Украина и од четири десни крила ни остана само едно. Истата година на Светското првенство веднаш на стартот останавме без Мицијевиќ и Крсник поради коронавирус. Но, мислам дека ситуацијата пред овие два натпревари е најлоша. Изгледа останавме без првите две голманки. Пијевиќ е повредена од претходно, а сега со повреда дојде и Капитановиќ. Луција Бешен десет дена не тренирала и прашање е во каква форма е. Значи, останавме само со Бартуловиќ и Туцаковиќ и не би ме чудело на крајот тие да бранат во Граз и Пореч. Останавме и без капитенката Катерија Језиќ која се повреди во настапот за Сиофок во унгарското првенство. Језиќ беше многу важна во нашата одбрана, но и во нападот. Место неа ја повикав Сара Шендвал“, изјави Шоштариќ.

Хрватска во среда ќе игра против Украина, додека во недела ќе оди на натпревар против Чешка. За пласман на Европското првенство на Хрватска и се потребни две победи.