Амра Илјаз правеше чуда на голот – реми во драматична завршница на женското дерби!

Дерби дуелот меѓу второпласираната и четвртопласирана екипа од плеј-оф фазата во македонската Женска лига, Металург и Ѓорче Петров одиграа без победник со резултат 18:18 (7:9). Металург не ја искористи фантастичната Амра Илјаз која собра 17 одбрани, и на крај мораше да се задоволи со бод пред домашните навивачи во Автокоманда.

Ракометарките на Ѓорче Петров имаа подобро отварање на натпреварот, поведоа со 0:3, а првиот гол Металург го постигна дури после шест минути игра со шут девет метри на Ива Младеновска. Од почетокот на мечот доминираа голманките на двете екипи Амра Илјаз и Наташа Антиќ кои запишаа по неколку интервенции, па затоа во 11. минута имаше само седум постигнати гола. Металург со една мини серија од 2:0 се врати на минус еден (3:4).

Металург на два пати имаше прилика да дојде до изедначување, прво по еден промашен шут на Николиќ, а потоа и по еден одбранет зицер на Илјаз. Не ги искористија тие две прилики, но добија нова, трета. Знак Металург да го повика првиот тајм аут, но работите на терен не се променија. Третот обид за резултатско израмнување заврши со изгубена топка. Но домаќините ја имаа одличната Илјаз на голот, со седум запишани интервенции во 17. минута им овозможи на своите колешки од Металург да го изедначат резултатот на 5:5.

На почетокот на последните 10 минути од првото полувреме Младеновска со својот втор гол на натпреварот го доведе Металург во прво водство. Кратко траеше резултатската предност на Металург затоа што гостите набрзина во наредните две минути направи пресврт и со голот на Стојановска го вратија водството од 6:7.

Одбраните на двете екипи беа на вистинското ниво и во наредните минути, тешко се постигнуваа голови, па така до полувремето видовме само уште три гола, а Ѓорче Петров водеше со 7:9. Голманките на двете екипи беа одлични, Илјаз собра 10 одбрани, а Антиќ забележа 8 интервенции.

За разлика од првиот дел вториот започна поефикасно. На стартот од вторите 30 минути одлични беа домаќините предводени од фантастичната Илјаз на голот која продолжи во ист ритам како и во првото полувреме. Металург набрзина после пет минути игра го сврти резултатот во своја корист и дојде до второ водство на натпреварот од 11:10.

Сепак и овој пат предноста на Металург кратко траеше, никако не успеваа во целост да ја искористат одличната форма на Илјаз на голот. Ѓорче Петров во наредните минути успеа да ја врати предноста со мини серија од 0:2 за (11:12). Во последните десет минути од натпреварот Металург остана без Александра Коловска која заработи црвен картон.

Без Коловска во наредните неколку минути Ѓорче дојде одново до највисоката предност на овој меч од три разлика. Но, Металург не се откажа, па со серија од 3:0 изедначи на 17:17 со кои се влезе во последните пет минути.

На една минута до крајот Ѓорче имаше напад за водство од два разлика, но не го реализираа, затоа Арсенијевска ја врати неизвесноста за 18:18 на семафорот. Металург имаше напад од 30 секунди за победа, но не го реализираа. Натпреварот заврши со удар во блокот од девет метри на Ива Младеновска на две секунди до крајот.

Најефикасна во редовите на Металург беше Мила Трајковиќ со седум гола, додека на спротивната страна Симона Стојановска постигна шест. Наташа Антиќ на голот на Ѓорче натпреварот го заврши со 12 одбрани.