По завршувањето на дерби натпреварот од Суперлигата меѓу Вардар и Еурофарм Пелистер, кој го добија битолчани со 23-24, имаше немили сцени.
Според дневниот билтен на Министерството за внатрешни работи, приведени биле двајца навивачи – по еден припадник на „Комити“ и „Чкембари“, а биле оштетени четири автобуси.
„На 26.03.2022 во врска со инциденти на навивачи за време и по ракометниот натпревар Скопје, помеѓу екипите на Вардар и Пелистер, кој се одржа во спортска сала на подрачјето на Аеродром, од страна на полициски службеници во полициска станица се приведени Д.А.(43) од Скопје и Т.Г.(37) од Битола и против нив ќе бидат поднесени соодветни поднесоци. Во врска со настанот, во СВР Битола било пријавено дека околу 18.45 часот на бул.„АСНОМ“ во Скопје од повеќе лица биле оштетени два автобуса, со прилепски регистарски ознаки, на превозно претпријатие од Прилеп и два автобуса, со битолски регистарски ознаки, на превозно претпријатие од Битола, кои превезувале навивачи на спортски натпревар. Се преземаат дополнителни мерки за расчистување на случајот“, се вели во билтенот на МВР.
Следен двобој меѓу Еурофарм Пелистер и Вардар ќе има во Битола на 30 април, кога многу веројатно ќе биде решен шампионот на Македонија.