Фантастичната Македонија слави висок триумф, Романија изгоре во скопскиот пекол!

Машката репрезентација на Македонија ја совлада Романија со 30-22 во првиот натпревар од првиот бараж за место на Мундијалот следната година во Полска и Шведска. Високиот триумф беше најавен уште по првиот дел, но Романија комплетно беше нокаутирана во второто полувреме и нашиите момци ќе имаат солидна залиха пред реваншот во Букурешт.

Македонија имаше силовит старт, за две минути отвори со предност од 3-0. Митревски собра две одбрани, а Кузмановски погоди два пати. Талески реализира со еден проектил, веќе беше 5-1, а по 6-2, Чави Пасквал мораше да бара тајм-аут и да го промени голманот. Минутата одмор беше доволна Романците набрзина да се вратат во игра и да намалат на 7-6, па мораше да реагира и Кире Лазаров со тајм-аут.

Кузманоски не погоди пенал, потоа имаше уште едно промашување, па Ојлески влезе во игра, а на местото на Јагуриновски, влезе Кире Лазаров. Романците комплетно се вратија во игра и израмнија на 10-10. Лазаров погоди од пенал и од игра за 12-10, па се дишеше малку полесно.

На терен влезе и Миркуловски, кој изннуди пенал, а сигурен реализатор беше Лазаров за 13-11. Селекторот погоди и за 14-11, а потоа Томовски му одбрани пенал на искусниот Јонеа. Повторно Лазаров реализираше пенал и Македонија си ги врати највисоките плус четири, 15-11.

Митревски имаше шанса уште повеќе да зголеми, но не погоди од гол на гол. Романците имаа безидеен напад, сепак на крајот дадоа гол. Серијата на Лазаров продолжи за 16-13, а потоа ударот на Кузмановски го одбрани Јанку. За Романија останаа петнаесетина секунди, но не погодија. Остана да се изведе уште ударот од девет метри. Ракоцеа шутираше во главата на Никола Маркоски, а за тоа си доби црвен картон од судиите.

На стартот на вториот дел Митревски собра две одбрани, Кузмановски донесе 19-14, но Романија не се откажа и набрзина намали на 19-17. Двата гола по ред на најдобриот македонски стрелец Талески, донесоа 21-17, но повторно две промашувања во нападот, кои беа казнети, па во 45. минута беше 21-20.

Митревски спречи израмнување, и потоа серија на Македонија предводена од Талески, чие презиме го скандираше цела сала, за 24-20 на десет минути до крајот. Тоа беше причина Пасквал повторно да бара тајм-аут. Неговите играчи повторно згрешија, а Талески ги казни во стилот на Лазаров со гол за 25-20.

Нашите момци играа фантистично во продолжение и ги казнуваа сите романски грешки. Кузмановски погоди за плус осум, 29-21, кога имаше да се играат уште три минути. До крајот уште по еден подогок на двете страни за конечни 30-22.

Најдобри стрелци во македонската репрезентација беа Талески со десет гола, Лазаров даде седум, а Кузмановски реализираше пет пати. Голманот Митревски имаше 10 одбрани. Кај Романија се истакна Кумпаничи со пет погодоци. Реванш натпреварот се игра во Букурешт на 19 март од 17:00 часот.