Европската ракометна федерација ги објави составите за натпреварот меѓу Македонија и Романија од баражот за Светското првенство.
Селекторот на Македонија, Кире Лазаров, се реши надвор од ростерот да ги остави десниот бек Мартин Серафимов, десното крило Ненад Костески, пикерот Марко Стојковиќ, голманот Марко Кизиќ, како и средниот бек Игор Ѓорѓиев.
Иако претходно дебитираше на пријателски натпревари, сепак денеска официјално деби за сениорската репрезентација ќе има левиот бек Павле Атанасијевиќ.
Романија ќе биде без десното крило Роланд Талмајер, а од претходно надвор од комбинација останаа повредените Хумет, Григорас, Шимицу, Гита…
Натпреварот меѓу Македонија и Романија се игра вечерва во СЦ „Борис Трајковски“ од 19:00 часот, а судиите доаѓаат од Словенија – Лах и Сок.