Ристова: Загубивме по наши грешки, Ѓорче Петров не нè надигра

Ракометарките на Вардар загубија на домашен терен во големото дерби со Ѓорче Петров со три гола разлика, 22-25.

Тренерот на домаќинките, Драгана Ристова, вели дека по ЕХФ неделата, ритамот на тренинзите беше нарушен без репрезентативките.

„Во цела недела ние имавме три играчи клучни кои беа во репрезентација и се пореметува целиот ритам, тоа беа Сара Миновска, Бојана Коцева и Ивана Џатевска. Често ни се случува вака кога е ЕХФ недела ние да имаме важни натпревари, но не е ништо изгубено. За остатокот од од натпреварот не би сакала да коментирам, сепак мислам дека не беше фер“.

Таа вели дека по грешките на нејзините ракометарки, противникот се врати во мечот.

„Ѓорче не се врати во игра, ние го вративме, тука има голема разлика. Тие го добија натпреварот само на наши грешки, не дека нас не надиграа и стојам поради тоа. Се гледаше дека ние го изгубивме ритамот, репрезентативките беа до недела со националниот тим, се вратија во понеделникот и имавме само три тренинзи, можеше да се види дека сме раштимани. Но, добро првенство е пред нас имаме уште два натпревари со нив дома, купот…Не е ништо изгубено се надевам дека следната ќе биде наша“.

Ристова смета дека системот на натпреварување би требало да биде поинаков, односно лигата да се игра по друг систем.

„Воопшто не се слагам со овој систем. Во ваков систем како ништо да не се важи што ние бевме најдобри во прва полусезона, пренесовме малку бодови. Оваа втора полусезона мислам дека треба да биде цела лига, ние сме супериорни со сите, победуваме по 20 разлика. Недостасува цело време да бидеш под една една тензија која е потребна за важните натпревари. Фали да бидеш под тензија цело првенство, па и да се играло меѓусебен по четири пати, така би добиле поголем квалитет“, заврши Ристова.

Ѓорче Петров влегува во игра за тутулата – направи „брејк“ против Вардар