Ракометарките на Чаир на гостувањето во Прилеп кај Деспина ја обезбедија првата победа во плеј-оф фазата откако триумфираа со шест гола разлика, 24:18, во натпревар од 4. коло.
Домашната екипа се покажа како тврд противник во денешниот натпревар посебно во првото полувреме. Во првите 30 минути двете екипи имаа свои моменти и до завршниот дел од првото полувреме се играше во егал, односно гол за гол. Избраничките на Басри Љатифи со двата погодоци на Дамчевска успеаја на пауза да заминат со два гола позитива, 10:8.
Добрата серија на Чаир од првото полувреме беше продолжена во второто полувреме. Водството за неколку минути беше зголемено на највисоки четири гола разлика, 12:8, но солидната предност на Чаир не беше никаква гаранција за сигурна победа.
До самиот крај требаше максимално да се одигра за освојување на првите бодови во плеј-офот. Деспина во најголемиот дел од второто полувреме заостануваше на три негатива и во последниот период од натпреварот домаќинките веќе потпишаа капитулација и немаа никакви шанси за враќање во игра.
Најефикасна во победничката екипа беше репрезентативката на Македонија, Теодора Дукоска со шест погодоци. Во Деспина први стрелци беа Сања Цветкоска и Ангела Камческа со по четири постигнати погодоци.