Поранешната ракометарка на Кометал ЃП, Јелиз Озел, со гол во последната минута и донесе голема победа на Турција од 30:29 против незгодната репрезентација на Исланд, во натпревар од 3. коло од квалификациите за пласман на Европското првенство 2022, кое ќе се одржи во Македонија, Словенија и Црна Гора.
Иако, репрезентацијата на Исланд водеше со 29:28 на речиси три минути до самиот крај, сепак, Турција со два гола во низа обезбеди победа во драматичниот дуел.
Турција беше предводена од Асли Искит, која натпреварот го заврши како најефикасна со осум погодоци, додека искусната Јелиз Озел во листата на стрелци се запиша само еднаш, но својот единствен погодок го постигна токму кога беше најпотребно.
Yeliz Özel hands @Hentbol_Fed 🇹🇷 their first #ehfeuro2022 qualifiers victory! 💪#playwithheart pic.twitter.com/5LvsPz2v3F
— EHF EURO (@EHFEURO) March 2, 2022
Репрезентацијата на Турција со првите освоени бодови останува во игра за пласман на континенталниот собир во ноември и ќе треба до самиот крај да одигра на најдобар можен начин, да обезбеди победа на реванш натпреварот со Исланд на гостински терен, како и победа во останатите два натпревари од квалификациите, против Србија и Шведска. Овие две репрезентации утре ќе ја имаат првата пресметка во Зрењанин.
Освен Турција, во денешните квалификациски натпревари победа остварија и репрезентациите на Данска, Шпанија и Австрија. Селекцијата на Данска ја оправда улогата на фаворит против Романија, триумфираше со 35:28. Со победата над Романија, ракометарките на Данска веќе обезбедија пласман на Европското првенство.
Австрија запиша сигурни бодови откако ја совлада селекцијата на Фарски острови со 29:24. Ракометарките на Шпанија на свој терен беа подобри од Унгарија со два гола разлика, 30:28. Шпанија веќе има шест бода во квалификациската група 2, три повеќе од репрезентациите на Романија и Австрија, кои се наоѓаат на второ, односно трето место.
Во ЕХФ Евро Купот, Норвешка немаше поголеми проблеми против Црна Гора и обезбеди сигурна победа од 32:27. На овој натпревар се истакнаа екс ракометарките на Вардар, Јованка Радичевиќ и Камила Херем. Радичевиќ со девет погодоци беше најефикасна во црногорската репрезентација, воедно и на натпреварот. Камила Херем имаше солиден учинок, шест погодоци од осум обиди.