Европската ракометна федерација ги делегираше арбитрите за следното коло во Лигата на шампионите во машка конкуренција.
По сработеното Европско првенство, за кое добија еден куп одлични критики, Ѓорѓи Начевски и Славе Николов се враќаат на клупската сцена.
Тие се делегирани да го судат натпреварот од 12 коло во Лигата на шампионите меѓу францускиот ПСЖ и бундеслигашот Фленсбург.
Овој натпревар се игра на 24 февруари во Париз со почеток во 20:45 часот, а делегат на оваа средба е Црногорецот Предраг Павичевиќ.
Покрај Николов и Начевски, работа ќе има и за двајца делегати од Македонија. Драган Начевски ќе биде делегат на средбата од машката ЛШ на 17 февруари меѓу Загреб и ПИК Сегед, додека Ацо Николовски ќе биде делегат на средбата од женската Лига на Европа меѓу унгарскиот Мошонмаѓаровар и хрватската Локомотива на 20 февруари.