Скандинавското дерби помеѓу селекциите на Шведска и Норвешка донесе многу неизвесност и борба во дуелот за пласман во полуфиналето буквално до последната секунда, а после 60 минути борба место во битката за медалите избори Шведска со победа од 24:23.
Натпреварот започна со цврста одбрана на двете страни и многу проблеми во напад на двете репрезентации. Норвешка имаше почетно водство, а во 14. минута беше само 5:3. Шведска тешко постигнуваше голови, а заслужен за тоа беше голманот на Норвешка, Северас кој бранеше одлично.
Многу расположен за игра беше Рајнкинд кој во првиот дел постигна пет гола без промашување и со голман на својот состав беа најзаслужни за водството. Во 26. минута Норвешка го имаше највисокото водство од 12:7. До крај на првиот дел Норвежаните истото го сочуваа и заминаа на одмор со 14:9.
Во продолжението Шведска започна да ја топи негативата, а после подолг период повторно беше на минус еден во 47. минута. Промената на голманската позиција донесе разултат, Јоханесон имаше одлично второ полувреме со девет одбрани и беше клучен во пресвртот.
Завршницата беше максимално неизвесна, во 55. минута Норвешка имаше водство од 23:19, следуваше кризен период во напад, а Швеѓаните го казнија тоа. Ване израмни во 58. минута, а Хринц во последниот напад реализираше седмерец за голема победа на Шведска.
Со оваа победа Швеѓаните успеаја да се најдат во полуфиналето како второпласирани. Тие беа во иста група со Шпанија во првиот круг, а на тој натпревар претрпеа пораз и затоа иако имаат ист број на бодови се наоѓаат на 2. позиција. За ривалите ќе почекаат до утре бидејќи уште не се знае кој ќе и се приклучи на Данска од Групата 1, но и каков ќе биде конечниот пласман.
ЕП 2022, ГРУПА 2 – ТАБЕЛА