Селекцијата на Хрватска загуби од Црна Гора со 32-26 во првото коло од главната рунда на Европското првенство и остана со мали шанси за место во полуфиналето.
Десното крило Иван Чупиќ беше најдобар стрелец со шест гола, и вели дека ваквите натпревари ќе бидат големо искуство за младите репрезентативци.
„Ова беше еден од тие денови кога ништо не ни одеше од рака, за разлика од ривалот. Симиќ, одбраната на Црна Гора, Вујовиќ исто така постигна неколку убави голови, тие беа како тим подобри од нас денеска, сметам дека ќе бидеме подобри за два дена. Секогаш треба да веруваме дека можеме да победиме, мора да се ресетираме, и за два дена да одиграме подобро против Данска. Ако се подобриме во споредба со денеска, можеме да парираме. Секогаш е тешко кога ќе загубите, но ние имаме многу млади момци што треба да собираат искуство, а ние да има помогнеме и да бидеме едно големо семејство“, изјави Чупиќ.
Тој откри дека ова не е последен голем настан за него.
„Јас сум тука да играм, да се забавувам. Сметам дека другите треба да ги носат одлуките за нашиот стручен штаб. Нема да се откажам од репрезентацијата и покрај нашето лошо издание и тоа што не ни оди најдобро.. Ова не е последен голем настан за мене, јас секогаш ќе бидам тука за Хрватска, се додека селекторот ме повикува“, заврши Чупиќ.