Јуниор КВ на крилјата на Илиевски до важен триумф против Македонија ЃП

Ракометарите на Јуниор КВ во рамките од 13. коло од Првата машка лига славеа на свој терен против незгодниот тим на Македонија ЃП со 32:31 во натпревар од Групата Б. Со новите освоени бодови, Јуниор КВ го презеде второто место со 33 поени, но екипата на Голден Арт која сега падна на третото место има натпревар помалку.

Првото полувреме од натпреварот мина во доста израмнета борба која што беше проследена со многу пресврти, главно во завршниот дел од првите 30 минути. По нерешените 3:3, ракометарите на Јуниор КВ со серија од три гола во низа се одлепија на 6:3 и имаа контрола врз самиот резултат до 23. минута. Гостите од Ѓорче Петров во последните седум минути од првиот дел одиграа одлично во одбрана, израмнија на 13:13, а потоа со голот на Серафимовски обезбедија водство од 14:13. На десетина секунди пред да се замине на пауза, ракометарот на Македонија ЃП, Владимир Спировски заработи црвен картон и поради тоа гостите останаа без неговата борбеност во второто полувреме. На крајот од првиот дел резултатот гласеше 16:15 за екипата на Јуниор КВ.

Падот во играта кај домаќините беше причина ракометарите на Македонија ЃП да направат серија од 3:0 во првите минути од второто полувреме и да обезбедат предност од плус два, 18:16. Домаќините преку Илиевски, Симоноски и Печенковски започнаа да прават солидна разлика во корист за нивната екипа. Во 45. минута резултатот беше плус три гола разлика за Јуниор КВ, 26:23. Македонија ЃП имаше шанса да се врати во игра и да направи камбек во самиот финиш бидејќи беше во негатива од еден до два гола разлика, но домаќините не дозволија да има никакво изненадување.

Најефикасен на натпреварот беше ракометарот на Јуниор КВ, Игор Илиевски со 14 постигнати погодоци. Во редовите на Македонија ЃП најефикасни беа Стефан Јордановски со шест и Александар Ѓорѓиевски со пет погодоци.