Во вториот четвртфинален дуел од женскиот дел на ракометниот олимписки турнир, Норвешка ја совлада Унгарија со 26-22 и му закажа нов дуел на составот на Русија, кој е актуелен олимписки првак. Ако Русија е бранител на титулата, Норвешка важи за прв фаворит за освојување по досега прикажаното во Токио. Затоа меѓусебниот дуел ќе биде финале пред финалето на олимпискиот турнир во женска конкуренција.
Репрезентацијата на Норвешка покажа стабилност и константност во текот на целиот олимписки турнир во Рио и заслужено дојде до место меѓу четирите репрезентации кои ќе разигруваат за медал. На Унгарките им недостигаше идеја во нападот, прецизност од далечина и поопуштена бековската линија, која освен Томореи не се изнаигра на овој дуел.
Унгарија од самиот почеток создаде два гола предност и ја имаше иницијативата и контролата над играта. Грешките на Норвежанките се нижеа, па противникот имаше шанса да ја зголеми разликата(највисока предност 3-6, 9. минута). Но Унгарија го издржа темпото само до средина на првиот дел. Во тој период Сије Солберг блескаше на голот, норвешката одбрана се претвори во бедем, па избрзаните удари од неизградени позиции и грешките во додавање на унгарските репрезентативки кумуваа на големата серија голови на Норвешка од 7-0 за преземање на водството и комплетна контрола над резултатот (10-6 18.минута). Во последните минути пред паузата двете репрезентации има проблеми да го најдат патот до мрежата на противникот, Унгарките успеаа да вратат дел од високата негатива и да го завршат првиот дел на пристојни „минус 2“ или 12-10.
Вториот дел понуди нови возбудувања. Унгарија слично како во воведот на овој дуел врза два погодока во низа и го израмни резултатот. Во играта „гол за гол“, секоја грешка, секоја одбрана или промашен удар значеше многу на семафорот. Во средина на второто полувреме Унгарија повторно ја врати предноста во своја корист, имаа и позитива од два гола, но разликата бргу се стопи, а натпреварот беше во егал до 50. минута. Лукас го донесе последното водство за Унгарија на овој дуел за 21-20, но Унгарките застанаа на 21 гол, а Норвежанките продолжија со серија од 5-0, за разбивање на унгарскиот олимписки сон и одлична предност од 25-21, на четири минути до крајот на натпреварот. Во финишот Унгарија брзаше да извлече чудо, но успеа да намали само гол од високата негатива, а Нора Морк на минута пред истекот на шеесете минути стави точка за конечни 26-22.
Најпрецизна во норвешкиот состав беше Братсет со 8 голови, ја следеше Риштад со 4. Кај Унгарките Шолоси-Зачик постигна 5 голови,а Томореи и Бордас постигнаа по 4 погодоци за својата селекција.
Норвешка во полуфиналето ќе се сретне со актуелниот олимписки првак Русија.