Репрезентацијата на Шпанија ја совлада селекцијата на Шведска во драматично четвртфинале од машкиот дел на олимпискиот турнир во Токио со 34-33. Иако Шпанија имаше предност во финишот на натпреварот и од три погодоци, на крајот промашениот обид на Душебаев можеше скапо да го чини актуелниот европски првак, Шпанија. За среќа топката од голманот заврши зад голот на шведскиот голман, а драгоцените секунди немилосрдно изминуваа. Швеѓаните успеаа да ја уфрлат топката во игра, но не доволно брзо за да се упати шут кон голот на Варгас, за големо славје на шпанските ракометари.
Воведниот дел на натпреварот им припадна на европските прваци, кои имаа и два гола предност. Сепак во средина на првиот дел Шведска со низа од 3 погодоци го израмни резултатот, а потоа и поведе. Во 18. минута Швеѓаните имаа два гола предност, 13-11 разлика која ја одржаа до крајот на полувремето за 20-18. Шведските ракометари имаа и три голови предност, но недостигаше сигурност во играта, а тоа се покажа во два наврати кога Шпанија користејќи ја секоја грешка ја враќаше резултатската неизвесност.
Вториот дел продолжи со исто темпо, Шведска ја контролираше играта и резултатот а во 43. минута ги достигна и највисоките „плус четири“(Готфридсон, 27-23). Истата разлика се задржа точно до средина на второто полувреме, Шведска застана на 29 голови, а продолжи Шпанија со пет погодоци и прво водство во вториот дел за 30-29. Шпанците го имаа моментумот и не дозволија израмнувачкиот гол на шведскиот бек Готфридсон да ја наруши атмосферата во тимот. Следуваше нова серија од три погодоци за „фуријата“ за три голови предност на пет минути до крај (30-33). Во тој период Шведска погоди пречка и промаши пенал, а на спротивната страна Душебаев блескаше.
Сепак Шведска не се откажа лесно, трите голови разлика беа аларм за скандинавскиот состав па исклучувањето кое го заработи клупата на Шпанија го искористија да ја вратат неизвесноста и да се доближат на само гол негатива. Така беше до самиот финиш на натпреварот, кога Душебаев не реализираше, но во трка со времето Шведска не успеа да ја уфрли топката на време и да го изедначи резултатот. На крај Шпанија прослави голема победа, важна во борба за медал на Олимписките игри со конечен резултат 34-33.
Шпанија во полуфиналето ќе го пречека подобриот од дуелот меѓу Данска и Норвешка.