Ракометарите на Охрид останаа надвор од трката за место во европските купови, откако на домашен терен загубија од составот на Пролет во драматичен натпревар со 21-22.
Гостите отворија со предност 0-2, со головите на Димов и Потиќ, но охриѓани набрзина возвратија и до финишот на полувремето се играше гол за гол. Тогаш избраниците на Раде Стојановиќ со три гола за помалку од две минути ја направија највисоката предност.
Блажески од пенал и капитенот Андоновски на два пати го најдоа патот до мрежата на Ангелов, па Охрид на пауза замина со плус три, 11-8.
На стартото на второто полувреме, Охрид стигна до плус четири, 13-9, но колку што тешко домашните ја стекнаа оваа залиха, толку лесно ја загубија. Гостите од Скопје преку Палевски, Пецаковски и Џонов стрелаа во домашниот гол и намалија на 13-12.
Охриѓани водеа со 17-14, но повторно затаија во нападот и немаа многу инвентивност, па Пролет ги казни сите грешки и на седум минути до крајот беше 17-17. Гостите не само што израмнија, туку и поведоа со 17-20 и ги оддалечија домашните од борбата барем за бод.
Намали Охрид набрзина на 19-20, а имаше да се игра уште минута и пол. Андоновски погоди од една безизлезна ситуација, а Манасков возврати на спротивната страна. Пролет направи грешка и Николов погоди за реми. Сепак за полн плен на гостите од ова тешко гостување се погрижи капитенот Ласко Андоновски со голот на пет секунди до крајот.