Ракометарите на Радовиш остварија злато вредна победа во разигрувањето за опстанок во суперлигашкото друштво. Избраниците на Андон Бошковски, славеа на домашен терен против составот на Прилеп со 27-24 и се израмнија на табелата со ривалот.
Според очекувањата, на стартот се играше гол за гол до резултат 8-8, пред една од екипите за првпат да поведе со плус два. Прилепчани имаа 8-10, а потоа и 9-11, но на пауза заминаа со негатива. Марков и на два пати Органџиев постигнаа три погодоци за радовишани, кои во финишот на полувремето направија пресврт и во вториот дел влегоа со предност од еден гол, 12-11.
По 14-12 на стартот на вториот дел, избраниците на Горан Кузманоси постигнаа три гола и го преземаа водството, 14-15. Беше и плус два за Прилеп, 15-17, но Бошковски повика тајм-аут, па радовишани „нагазија“ и со серија од шест гола направија пресврт, 21-17.
Прилепчани немаа решение за располжениот Паунов, во продолжение беше и 23-19, но ниту Радовиш не погодуваше, па гостите намалија на минус два, 23-21. Имаа шанса и за минус еден, но не реализирааа, а во меѓувреме поради три исклучувања и црвен картон останаа без Гавашелишвили.
Чантурија промаши пенал, а домаќините не дозволија изненадување во финишот и успеаја рутински да го заввршат мечот со конечна победа, 27-24.