Чаневски: Влеговме со преголем респект, пресуди искуството на Вардар

Ракометарите на Вардар го освоија трофејот во Купот на Македонија, откако го победија големиот ривал Еурофарм Пелистер со 26-24.

Капитенот на битолчани, Градимир Чаневски смета дека слабиот старт го решил победникот на овој натпревар.

„Влеговме со преголем респект и тоа нив им даде голема предност што не можевме да ја стигнеме. Се трудевме цело време, се вложивме максимално, но не успевавме комплетно да се вратиме. Вардар заслужено стигна до титулата. Можеби пресуди нивното искуство, а ние сме сепак нова екипа и мислам дека подоцна ќе дојдат резултатите“, вели Чаневски.

Следен предизвик за двете екипи ќе биде новиот меѓусебен дуел од суперлигашкиот плеј-оф, што ќе се игра на 20 мај во Битола.