Составот предводен од Раул Гонзалес имаше лесна задача во првиот осминафинален натпревар на гостувањето кај Целје и убедливо славеше победа од 37:24. Со неа веќе и си обезбеди пласман во четврт-финалето.
ПСЖ беше огромен фаворит во овој дуел и во целост ја оправда улогата. Францускиот тим од почеток до крај имаше контрола на натпреварот и резултатот. Поведоа со 5:2, а веќе во 14. минута беше 10:5.
Разликата продолжи да расте, а Целје немаше одговор на играта на гостинот. До полувреме ПСЖ веќе имаше двоцифрена предност и на пауза заминаа со резултат 11:21, идентично како и на дуелот меѓу Вардар и Веспрем.
Второто полувреме беше формалност и без многу напор ПСЖ го водеше натпреварот кон победа. До крајот усепаја да стигнат и до највисоки 15 предност, но Целје успеа да го ублажи поразот. И покрај тоа Целје нема никакви шанси за пласман понатаму.
Нахи го водеше ПСЖ до победата со одлична партија и десет гола, а втор стрелец во францускиот тим беше Феран Соле со седум. Во екипата на Целје се истакнаа Млакар и Драгашевиќ со по шест погодоци.