Тандемот од терен продолжува на клупата – Савиќ ќе и биде асистент на Поповиќ

Поранешната репрезентативка на Црна Гора, Маја Савиќ ќе биде помошен тренер на Бојана Поповиќ во црногорската репрезентација, пишуваат тамошните медиуми. Некогашниот тандем од теренот, сега ќе има селекторска улога.

Савиќ заедно со Поповиќ беше дел од славната генерација на Црна Гора која направи историски чекор и го освои второто место на Летните Олимписки Игри во Лондон, 2012 година. По завршувањето на Олимпијадата во Лондон, Савиќ стави крај на својата богата кариера.

Црногорката има добро искуство со сегашните млади ракометарки кои се наоѓаат во репрезентацијата бидејќи беше селектор на кадетската и младинската репрезентација на Црна Гора.

Во својата кариера го носеше дресот на Будуќност, Шлагелсе, Копенхаген и Виборг. Беше тренер и на младинските тимови на Будуќност и Даниловград. Најголемо признание добива во 2001 година на Светското првенство во Италија кога беше избрана за најдобро лево крило, а селекцијата на Југославија тогаш го освои третото место.