Ракометарите на Охрид стигнаа до првата победа во суперлигашкиот плеј-оф. Избраниците на Раде Стојановиќ прославија триумф на гостувањето кај составот на Пролет со 26-28.
Според очекувањата, во првиот дел се играше гол за гол и имаше дури десет израмнувања на резултат до 10-10 во 25. минута. Оттогаш до крајот на полувремето домашните не погодуваа, а охриѓани ги казнија сите нивни грешки и со по два гола на капитенот Андоновски и на Тот, заминаа на пауза со плус четири, 10-14.
По десетина минути игра во второто полувреме, гостите обезбедија највисоки шест позитива, 14-20, но како одминуваше времето така домашните ја топеа разликата и на десети минути до крајот беше 21-23.
Потоа наизменично погодуваа двете екипи, пред на минута и пол до крај, Цветковски да одбрани еден гостински удар, а Пролет да намали и на минус еден, 26-27. Охриѓани наивно погрешија во следниот напад, но и домашните загубија топка. До крајот погоди Тот за конечни 26-28 и голема победа на Охрид.