Репрезентацијата на Франција не дозволи изненадување во денешниот натпревар против Алжир и славеше победа со 29:26 во рамките од новоформираната трета група на Светското првенство во Египет. Алжир беше феноменален противник, прикажа одлична игра на терен, но грешките кои ги направи во последните 15 минути од натпреварот беа пресудни за поразот од три разлика.
Алжир одлично го отвори натпреварот водејќи 1:4 во текот на 7 минута. Порт во 8 минута намали на 2:5, но расположените Алжирци преку Беркос и Ајуб не го испуштаа водството од три голови разлика. Водството полека се намалуваше во корист за селекцијата на Франција и преку контра напади стигнаа до 9:9 во втората половина од првиот дел. Искусните Порт и Турна беа најрасположени во моментите кога Франција го преземаше водството. Полувремето заврши со резултат 16:14 во корист за француската селекција, резултат во кој своја улога имаше и голманот, Венсан Жерар.
Во вториот дел, сите четири десни бекови од Франција се запишаа во листата на стрелци. Мае и Дика Мем зголемија на 17:14, а Жерар имаше неколку одлични интервенции. Французите се опуштија и беа казнети за тоа, па така Алжир во 39 минута израмни на 20:20 со голот на Ариб Реда, а потоа и постигна гол за водство од 20:21 од страна на истоимениот ракометар.
Одличната бековска тројка на Алжирците беше причина за неизвесниот резултат кој траеше до крајот на натпреварот. Интервенциите на голманот на Алжир, Умберто Гомес не беа доволни за поволен резултат, а техничките грешки од селекцијата на Алжир во последните минути им овозможија на Французите прва победа во втората фаза и нови два поени.