Домаќинот на Светското првенство, Египет успеа да го направи првиот чекор во втората фаза со што дојде чекор поблизу до остварувањето на целта односно пласманот во четврт-финалето откако денеска го надигра составот на Русија и го совлада со 28:23.
Русите беа немоќни на овој дуел против далеку порасположениот состав. Во текот на целата средба Египет беше во предност, а доколку Косоротов не беше така расположен во првите минути сигурно и од почетокот на средбата водството ќе беше големо и изразено со голема разлика во корист на домашните.
Откако првите минути минаа во мала резултатска неизвесност, Парондо се реши за замена на голот, па Хендави го отстапи местото на Елтајар кој запре неколку тешки удари со што придонесе за десет минути комплетно да се смени ситуцијата.Од 5:5 во 9. минута да дојде до 10:7 за Египет во 19. минута.
Од овој момент ситуацијата се измени бидејќи откако Русија реализираше за да намали на 8:10 следуваа пет гола за високи 8:15 на одмор.
Оваа предност од седум гола беше доволно висока да може Египет да има целосна контрола на играта во продолжението. Русите одработија мирно и не форсираа бидејќи очигледно сфатија дека нема да можат да следат така што само ја олеснија задачата на Египќаните кои со мирна игра дојдоа до триумф.
Победата од 28:23 беше и повеќе од доволна на крајот за да се дојде до два бода со кои Египет тргна кон остварувањето на целта односно кон пласманот во четврт-финалето, додека Русија против Македонија и Шведска ќе мора да бара бодови за повисок пласман.