После двата порази од Шведска и од Египет и победата над Чиле, машката сениорска репрезентација на Македонија загуби од Словенија со 21:31 на стартот на втората рунда на Мундијалот, па до крајот на шампионатот останува само битка да се освои некој бод доколку е можно.
Добриот почеток на Македонија во кој успеваа многу работи во нападот особено проигрувањата до пивотите дадоа резултат. За десет минути беа изнудени три удари од седум метри, а беа запрени и дел од нападите на Словенија, па Македонија имаше 5:3.
Сепак, она што беше добро како да почна полека да го снемува откако на средината на првото полувреме Словенците успеаја да се вратат во мечот и да израмнат на 7:7, а брзо и да поведат.
Македонија издржа до 9:9, а потоа следуваа неколку акции во кои немаше реализација и се форсираше шут од позиции кои не беа доволно изградени што резултираше со повисоко водство на противникот. До крајот на првото полувреме Македонија немаше гол, па Словенците заминаа на одмор со предност од 13:9.
Дури 12 минути и требаа на Македонија да дојде до следниот погодок, а тоа веќе носеше губење на ритамот така што Словенците почнаа да го решаваат овој дуел. Во 40. минута Македонија имаше веќе негатива во која немаше шанси да се стигне. Резултатот од 12:20 само покажа дека ќе биде тешко да се достигне негативата и тука стана јасно дека Словенија освојува два бода од денешниот натпревар.
Брестовац во овие моменти одлучи во игра да го внесе Серафимов, кој денеска го одигра првиот натпревар на ова СП. Тој влезе место Лазаров, па на терен имаше многу помлада постава во која Пешевски беше највозрасниот бидејќи и Томовски се најде на голот место Митревски.
Имаше неколку добри минути во кои Томовски одбрани три удари, Серафимов постигна два гола и Кузмановски еден, но потоа одново Словенија воспостави контрола, па дојде на сигурна предност од осум гола. Со оваа разлика противникот се чувствуваше комотно така што имаше мирно продолжение на средбата.
Во финишот беше одиграно мирно. Врањеш исто така ги изротира своите ракометари, па шанса да настапат добија речиси сите. Немаше ништо ново во однос на разликата, па беше само прашање со кој резултат ќе се дојдат до првите бодови во вториот круг. На крајот беше десет разлика, 21:31, но со многу повеќе борба и залагање на теренот во споредба со првите три средби на овој Мундијал.