Македонските ракометари главната фаза на Мундијалот во Египет ја отвораат попладнево (15:30 часот) против Словенија. Противник добро познат за нас, со кој во минатото неколкупати сме се среќавале на големите натпреварувања, но не во овој состав.
Покрај средните бекови, она на што Македонија ќе треба да внимава во играта, се и пикерите, но доколку се испочитува договореното ќе може да играме против нив.
„Се надевам на три добри силни натпревари во главната фаза и чекор по чекор да покажуваме дека сме на вистински пат. Словенија е прв противник и против неа ќе ни биде потребен поинаков пристап во одбраната. Вистина е дека имаат квалитетни средни бекови, но ме плашат и пикерите. Големи се, високи и ќе ни прават проблеми. Важна ќе биде дисциплината во одбрана и доколку договорот се испочитува, а реков дека претходно ни недостасуваше таа индивидуална тактичка одговорност, сметам дека сме доволно и подвижни и борбени и дека ќе може да одговориме. Сериозно се подготвувавме и доколку се испочитува договорот оптимист сум дека може да играме добро. Вистина е дека во минатото многупати сме играле со Словенија, но не можеме да правиме споредба. Најважното е дека го задржавме континуитетот на настапи на големите натпреварувања, сега со еден сосем нов, млад тим и генерација која од тука се надевам дека ќе почне да гради нешто свое“, заклучува селекторот Данило Брестовац.