Светскиот шампион Данска без поголеми проблеми со максимални три победи ја заврши првата фаза од Мундијалот во Египет. По Конго и Бахреин, избраниците на Николај Јакобсен ја совладаа селекцијата на Аргентина со убедливи 31-20.
Во првото полувреме „гаучосите“ отворија со водство со 1-3, пред Данците со пет гола во серија да го свртат резултатот на своја страна, 6-3. Во продолжение од мечот разликата во корист на светскиот првак се движеше од два до три гола, но во финишот на полувремето, тоа се искачи и на плус пет, 15-10.
Вториот дел беше само рутинско одработување на задачата и чување на силите за натпреварите од главната рунда. Аргентина се обиде да парира, но тоа не беше доволно и на крајот Данска победи со 11 голови разлика.
Од групата Д, во главната рунда патуваат Данска со четири бодови, Аргентина со два и Бахреин без бодови, додека Конго ќе игра во Президент Купот.