Традицијата на победи против селекцијата на Чиле продолжи и денеска кога Македонија дојде до триумф број 6 во шестиот натпревар против оваа селекција обезбеден со 32:29.
Селекцијата на Чиле го зададе првиот удар кон голот на Митревски, а првиот избор за голот на нашата репрезентација имаше добро издание. Се спротиставуваше добро и ја држеше Македонија на негатива од гол до два.
Чиле имаше постојана предност, а некаде на средина од првото полувреме беше воспоставена рамнотежа и беа обезбедени 7:7. Повторно одбраната не беше на ниво и делуваше недоволно организирано бидејќи имаше премногу простор за лесен шут. Доколку Митревски не беше на ниво ќе беше многу потешко да се остане во игра и ќе имаше поголема казна.
Водството дојде при 10:9 со голот на Лазаров од седум метри, но истото безо беше загубено бидејќи беше подобро од претходните дуели, а одново недоволно убедливо.
Ништо ново немаше ниту до крајот на првиот дел кога противникот дојде до предност од два гола, а на паузата се замина со негатива од гол, 16:17.
Вториот дел од средбата донесе нешто подобра игра и поорганизирана. Се виде во неколкуте напади, но за предност од два гола се чекаше до 42. минута, 24:22. Тогаш беше јасно дека Чиле мора да притисне за да дојде до враќање во игра, но следуваа минути во кои и противникот грешеше. Шест минути подоцна резулатот беше и 27:23 откако следуваа неколку добри акции.
Во моменти кога мораше да се одработи смирено и да се бара сигурна позиција за шут, имаше одново моменти во кои се брзаше. Функционираше кога топката одеше до пивот или до крилата, но недостигаа удари од далечина. Затоа Митревски продолжуваше со одбраните, а тоа ја чуваше Македонија во предност која гарантираше пласман во втората фаза. На одличниот Митревски, кој официјално има 11 интервенции, а беа најмалку 15, се надоврза и Томовски кој запре два удари од седум метри во клучни моменти, па можеше да се прослави првата победа на овој Мундијал од 32:29.
Македонија уште еднаш ја совлада селекцијата на Чиле, а овој пат тоа значеше пласман во втората фаза и нови три средби против Русија, Белорусија и Словенија.