Хрватски репрезентативец откри: Имав понуда да заиграм за Македонија!

Хрватскиот селектор Лино Червар на списокот на ракометари пред настапот на Мундијалот во Египет го вметна и средниот бек од Нексе Нашице, Јанко Кевиќ.

Плејмејкерот на 34 години ќе дебитира за „коцкестите“, откако одигра одлична полусезона со Нексе во Лигата на Европа. Кевиќ за хрватскиот „24 Сата“ откри дека имал понуда да заигра и за македонската репрезентација пред две години.

Понудата се случила додека настапуваше за романската Констанца каде тренер беше Звонко Шундовски, а спортски директор Бранко Ангеловски.

„Имав понуда од Турција, Романија, Катар и од Македонија да заиграм за нивните репрезентации. Најблизу бев да заиграм за Турција каде што играв за Гозтепе. Беше готова работа, ама преку ноќ почна кризата со лирите. Клубот се распадна, а јас имав договор на две сезони и пред стартот на сезоната останав без клуб. Во комбинација влета романската Констанца, каде спортски директор беше Бранко Ангеловски. Тој ме наговараше да заиграм за Македонија, бидејќи немаат средни бекови и им требам“, вели Кевиќ.

Тој потекнува од составот на Медвешчак, долги години играше во катарските екипи Ел Џаиш и Ал Сад, а беше дел и од хрватските Сисак и Дубрава. Настапуваше и за полската Висла Плоцк, романската Констанца и турскиот Гозтепе.

Во тој период во комбинација за натурализиран ракометар се споменуваше името на Сташ Скубе, а своевремено и Немања Обрадовиќ беше на „листа“. Сепак ниту едниот, ниту другиот не го облекоа дресот на Македонија и сега настапуваат за Словенија, односно Србија.

Последните натурализирани ракометари што играле за нашата репрезентација се Немања Прибак и Ренато Вугринец.