Барселона и Кил играат финале на секои десет години

Барселона и Кил вечерва ќе истрчаат во „Ланксес Арената“ во Келн во борба да го наследат тронот што го држеше Вардар цели 576 дена.

Овие две екипи имаат одиграно многу меѓусебни натпревари, но досега два пати се среќавале во битка за титулата во Лигата на шампионите. Вечерното финале ќе им биде трето, а тоа се случува на секои десет години.

Најпрво во сезоната 1999/2000, кога се играа по два финални дуели, дома и гости. Тогаш Барселона победи со 29-24 на првиот меч, а во реваншот загуби со 28-25, што беше доволно за трофеј.

Втората финална пресметка се случи во сезоната 2009/2010, кога за првпат се играше завршен турнир во ЛШ. Тогаш „зебрите“ славеа со 36-34 во возбудлив натпревар, а сегашниот тренер Филип Јиха беше играч и стана најдобар стрелец во ЛШ со 119 голови.

Третото финале ќе се случи вечерва, од сезоната 2019/2020, а иако Барселона е фаворит според многумина, сепак за очекување е Кил да пружи голем отпор. Мечот се игра од 20:30 часот во „Ланксес Арена“.