Ракометарките на Вардар добиваат финансиска инјекција после завршувањето на есенскиот дел од сезоната така што ќе можат стабилно да ја продолжат сезоната и да продолжат со трката за титулата во Супер женската лига.
На сметката на ЖРК Вардар ќе се најдат вкупно еден милион денари кои доаѓаат од Општина Аеродром, а оваа одлука за финансиска помош беше донесена на Советот на општината.
„Имајќи го предвид досегашниот успех на овој клуб за спортскиот живот, како и досега постигнатите резултати на домашен и на меѓународен план, сметаме дека ЖРК Вардар придонесува за развој на масовниот спорт и рекреативните активности во нашата општина, како и за нејзина афирмација и во меѓународната јавност“, вели градоначалникот Златко Марин.
Женската екипа на Вардар веќе ги одигра сите средби од есенскиот дел на сезоната, а во моментов се наоѓа на 4. позиција со 28 поени. Има шест бода помалку од лидерот Куманово.