Ракомет ќе нема, до кога – не се знае
Корона вирусот го парализира светот. Во таква глобална состојба не остана имун ни ракометот, ни спортот воопшто. Следејќи ги препораките на надлежните власти и на Светската здравствена организација, откажани или одложени се сите меѓународни и национални натпреварувања, а спортските активности се „замрзнати“ на неопределено.
Во ваква вонредна ситуација, беспредметно е да се претпоставува што ќе биде и како ќе биде понатаму. Тоа засега никој не може да знае.
Но, може да потсетиме каде застанавме до „замрзнувањето“ на активностите.
– Машката ракометна репрезентација на Македонија извлече баш „џек пот“ (со повеќе „пот“ отколку „џек“) во ждрепката за бражот за СП 2021. За шестиот настап на ракометните мундијали, македонските ракометари ќе треба да ја поминат, ни помалку ни повеќе – Франција!
И за најголемите оптимисти – невозможна мисија.
Да не не лаже повеќе она „тие 14-ти, ние 15 на ЕП, па зошто да не…“ , а ние таму не успеавме да поминеме со Чешка и со Австрија, а сега треба да ја „скинеме“ Франција. Реалноста е дека ова сега е друга димензија, за нас можеби и најотрезнувачка казна за пропуштените шанси во Виена и сериозна опасност за иднината на најуспешната македонска репрезентација и нејзината присутност на големите натпреварувања. После ждрепката на сите некако ни стана многу појасно колку беше важно да се стигне до втората фаза на ЕП и дека настапот во Виена исто како и тој пред него во Минхен беше чекор назад и НЕУСПЕХ! Без извинување и без оправдување. Сега кога Египет изгледа многу далеку, а континуитетот е под голем знак прашалник, нема ни многу избор. Како опција останува да се прежали еден мундијал, но да се направи и тој длабок рез во националниот тим. Да видиме што и како за понатаму. Впрочем, прво треба да видиме кога и дали ќе се одигра баражот. Тоа, од короната зависи.
-Најдобрите македонски ракометарки пак останаа „замрзнати“ на пола пат во квалификациите за ЕП 2020. По двата есенски порази од Чешка и од Шведска, требаше да следува двомечот со Португалија за евентуална рехабилитација. Но, двомеч сега нема, а ќе нема ни собир. Короната ги одложи.
– Вардар и без „вирусот“ си имаше доволно проблеми, а сега си има и дополнителна неизвесност на неопределено. Вардарци со еден гол позитива од првиот меч во Нашице, викендов во Скопје требаше да го пречекаат Нексе и официјално да заверат уште еден пласман на Ф4 во СЕХА. Но, реваншот е одложен, а како што се одвива ситуацијата, најверојатно ќе биде одложен и СЕХА завршниот турнир во Задар.
За прв пат во историјата неизвесна е и завршницата во Лигата на шампионите. Засега е извесно дека Вардар и ПИК Сегед нема да играат во предвидениот термин за место во Топ 8, односно дека ЕХФ ги одложи на неопределено сите осминафинални дуели. Се одлага и Ф4 во Келн,од предвидениот термин на 30-31 мај – алтернативно за 22-23 август. Со принудна пролетна пауза, редовна летна и преоден рок помеѓу и со милион отворени прашања, кој знае како ќе изгледа ова ново вонредно издание на престижниот Ф4 во ЛШ. Здравје, ќе видиме.
-Согласно препораките и грижата за здравјето и за безбедноста, РФМ донесе одлука за 14-дневен прекин на натпреварите во сите лиги во домашното првенство. Непосредно пред да бидат „замрзнати“ сите натпреварувања, во последните одиграни натпревари од претпоследното коло од „регуларниот“ дел во машката Супер лига, Охрид го „замрзна“ Металург и дојде на само бод разлика зад лидерот. Тоа беше прв пораз за „металурзи“ сезонава, но и најава за сериозните амбиции на Раде Стојановиќ со охриѓани во суперлигашкиот плеј-оф. Кој, од оваа перспектива сега, не знаеме точно кога и како ќе се одигра. Од вирусот зависи.
Денови без натпревари во кои наместо резултати се бројат заразени и изолирани е новото секојдневие на кое сакале или не полека се навикнуваме. Во ваква несакана ситуација нема дилема што е приориет.
Здравјето пред се! Ракометот после.